Владата на денешната седница го разреши Владо Бучковски од позицијата Специјален претставник за Бугарија, објави МИА.
Од Владата посочуваат дека му благодарат на Бучковски за сите ангажмани и напори со кои придонесе кон одржувањето на добрососедските и пријателските односи меѓу Македонија и Бугарија во време на предизвици кои подразбираа потреба од мудар, трпелив и посветен однос кон барањето решенија.
„Се очекува, согласно разговорите меѓу премиерите на двете држави и меѓу мандатарот за премиер Ковачевски и премиерот на Бугарија Петков, двајцата нови премиери согласно заеднички утврдена методологија да ги утврдат начините, ресурсите и чекорите кон конечно решавање на отворените прашања, потпирајќи се на условите и успесите постигнати од сите чинители во досегашните процеси“, посочуваат од Владата.
Владата го именува Бучковски за специјален претставник за Бугарија на 1 декември 2020 година, со мандат од една година, но неговиот мандат помина во услови на политичка неизвесност во Бугарија, која во една година три пати организираше избори во неможност да формира влада.
Тогаш од Владата соопштија дека именувањето на поранешниот премиер за специјален претставник во Софија е со цел да се заокружи со успех процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и да се создаде атмосфера за реализација на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и добрососедство.
На истекот на првиот мандат, на 30 ноември лани (пред месец и половина), на владина седница, му беше продолжен мандатот.
Неговото разрешување се случува во истиот ден кога мандатарот Димитар Ковачевски до Собранието го поднесе предлогот за состав на новата влада.