Мандатари, тенисери, ракети...

ШВАЈЦАРИЈА - Повеќе од половина жители на Европа се очекува да се заразат со Омикрон сојот на коронавирусот во следниве два месеца, соопшти Светската здравствена огранизација денеска додека милиони во Кина се соочуваат со нови затворања на двегодишнината од првиот смртен случај од ковид во светот. Високозаразниот сој се шири низ земјите со брзо темпо поради што владите преземаат новите мерки и повикуваат на земање засилувачка трета доза вакцина.

САД / АВГАНИСТАН - Соединетите Американски Држави ќе донираат дополнителни 308 милиони долари хуманитарна помош за Авганистан, објави Белата куќа на 11 јануари, со што вкупната американска помош за земјата погодена од војна изнесува речиси 782 милиони долари.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Собранието Талат Џафери седницата за избор на новиот состав на владата ќе ја свика во сабота, 15 јануари 2022 година, во 11:00 часот. Ова Џафери му го соопштил на мандатарот Димитар Ковачевски на денешната средба кога тој во Собранието ги достави предлозите за состав на новата влада и програмата за работа.

БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Посетата на премиерот на Бугарија Кирил Петков на Скопје денеска првично беше одложена поради самоизолација на Петков поради контакт со ковид-позитивен, а потоа македонското МНР соопшти дека по консултациите на двете Министерства, последната одлука е дека бугарскиот премиер доаѓа во Скопје на 18 јануари, како што беше и планирано.

МАКЕДОНИЈА - Претседателството на Заедниците на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) ќе иницира измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, со цел да се подобри финансискиот и фискалниот капацитет, да се зголемат приходите на општините, а ќе побара и итен состанок со Владата за да се изнајде брзо и квалитетно решение за растот на цените на енергенсите.

АВСТРАЛИЈА / СРБИЈА - Премиерката на Србија Ана Брнабиќ побарала од премиерот на Австралија Скот Морисон австралиските власти да имаат фер третман кон тенисерот Новак Ѓоковиќ, соопшти Владата на Србија. Српската премиерка телефонски разговарала со Морисон вечерта на 10 јануари, а по одлуката на судот во Австралија првиот тенисер во светот да биде ослободен и да му важи влезната виза.

СРБИЈА / МАКЕДОНИЈА - Состојбата на раскол, не е природна и одржлива и затоа од се срце сакаме да се најде решение со братски, стрплив дијалог. Уверен сум дека единствениот правилен пат по кој треба да се оди за да се добие трајно решение на овој проблем, е патот од Скопје до Белград, или од Белград до Скопје, како и да е, изјави српскиот патријарх Порфириј во врска со догогодишниот спор меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и настојувањата прашањето да се реши преку Вселенската патријаршија.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја лансираше балистичка ракета во морето во близина на нејзиниот источен брег, соопштија воените сили на Јапонија и Јужна Кореја. Лансирањето рано наутро на 11 јануари се случи кога Советот за безбедност на ОН се состана во Њујорк за да разговара за минатонеделното тестирање на она што Пјонгјанг го нарече хиперсонична ракета.

ГЕРМАНИЈА / САД - Фајзер развива вакцина со својот германски партнер БиоНТек, која ќе биде комбинација со старата снимка што конкретно ќе ја таргетира варијантата омикрон, изјави главниот извршен директор на американскиот гигант.

КАЗАХСТАН - Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев изјави дека трупите од воениот блок на Организацијата за Договор за колективна безбедност (ОДКБ) предводена од Русија ќе почнат да се повлекуваат од Казахстан за два дена. Во денешното обраќање до парламентот, Токаев рече дека трупите на ОДКБ ќе го завршат своето повлекување во следните 10 дена.