За новата влада Собранието ќе гласа во сабота

Собраниска седница

Претседателот на Собранието Талат Џафери седницата за избор на новиот состав на владата ќе ја свика во сабота, 15 јануари 2022 година, во 11:00 часот. Ова Џафери му го соопштил на мандатарот Димитар Ковачевски на денешната средба кога тој во Собранието ги достави предлозите за состав на новата влада и програмата за работа.

„Денеска, мандаторот за состав на новата влада на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, официјално му ги достави на претседателот на Собранието, Талат Џафери, Предлог-составот и Предлог-програмата за работа на новата влада. На средбата посочи дека очекува изборот на членовите на владата и нејзината програма да бидат одобрени без одложување, соопшти собраниската прес-служба.

Претседателот Џафери на оваа средба го информирал Ковачевски, дека седницата за избор на новиот состав на владата ќе ја свика во сабота.
Мандаторот за состав на новата влада и лидер на СДСМ Ковачевски денеска напладне на претседателот на Собранието Талат Џафери официјално му ги достави Предлог – составот и Предлог-програмата за работа на новата влада.

„Програмата е континуитет на изборниот легитимитет којшто е добиен на изборите 2020 година со тоа што се вградени економските определби на новиот коалициски партнер Алтернатива, како и нови програмски цели коишто произлегоа од новите предизвици коишто се наоѓаат пред оваа влада“, рече Ковачевски.

Тој беше избран за лидер на СДСМ откако досегашниот Зоран Заев си поднесе оставка по изборниот пораз на локалните избори кои се одржаа лани во октомври. Потоа Ковачевски го доби мандатот за составување на нова влада од претседателот Стево Пендаровски. Во владината коалиција се СДСМ со нивните предизборни коалициски партнери, ДУИ, ДПА и Алтернатива со што вкупно 64 пратеници ја поддржуваат владата. За да се избере предлогот на Ковачевски неопходни се 61 глас.