Посетата на премиерот на Бугарија Кирил Петков на Скопје не се откажува, туку се одложува, соопшти прес-службата на бугарската Влада. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков, кој е во изолација поради контакт со заразен од ковид, привремено на сите веќе планирани средби ќе го менува вицепремиерката Калина Константинова.
Претходно бугарската влада информира дека Кирил Петков и шефицата на неговиот кабинет Лена Бориславова ќе бидат во самоизолација во наредните денови. Петков продолжува да работи од самоизолација и е во постојан контакт со членовите на бугарската влада. Тој ќе ја одржи онлајн денешната средба со работодавачите.
Бугарскиот премиер требаше да допатува во Скопје на 18 јануари и да се сретне со новиот македонски премиер Димитар Ковачевски, кој денеска го поднесе до Собранието предлог составот на новата влада и се очекува да биде изгласан до крајот на оваа недела.
Инаку Петков е во изолација по вчерашниот состанок на Советодавниот совет за национална безбедноста кај претседателот Румен Радев на кој се расправаше за напрдокот на земјава во европските интеграциии кој е блокиран од декември 2020 година од Бугарија. Неколку часа по состанокот беше објавено дека претседателот на Народното собрание Никола Минчев има коронавирус, по што сите присутни се самоизолирани.