Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска рече дека владата предложена од новиот лидер на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски била составена од „поразени политичари коишто економски и криминално ќе ја доуништат Македонија“. Второ, додаде тој, се работи за влада на континуитет, а никаква нова влада и дека во неа доминираат премиерот во оставка Зоран Заев, Оливер Спасовски и политичката партија ДУИ.
„Ова е предлог на влада која Ковачевски ја поднесува, а Зоран Заев ја потпишува. Денес имаме состав на влада којшто ќе го продолжи Заевизмот и којшто нема енергија и кој нема енергија за реформи, нема план за евровските интеграциите, и нема предлози за подобар живот“ рече Николоски.
Тој тврди дека ова е влада која што ќе продолжи со криминалот, а кој што, како што кажа, го помагаат „приврзоците на криминалот од типот на ДОМ, Демократскиот сојуз, ЛДП и останатите помали партнери кои што за ситни интереси продолжуваат да ја поддржуваат оваа влада“.
„Затоа предвремените парламентарни избори се единственото решение затоа што е јасно дека оваа влада нема легитимитет и само дополнително економски ќе ја опустоши Македонија, а криминалот ќе продолжи да царува“, рече Николоски.
Мандаторот и нов лидер на СДСМ Димитар Ковачевски денеска во собранието го достави предлог составот и програмата за работа на владата. Во неа од редовите на СДСМ се вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси да ја предложи Славица Грковска, поранешна пратеничка од СДСМ, за министер за одбрана Славјанка Петровска, актуелна пратеничка од СДСМ, за министер за правда професорот Никола Тупанчевски од Правниот факултет, за министер за земјоделство Љупчо Николовски, за министер за труд и социјална политика Јована Тренчевска – директорка на Државниот инспекторат за труд, за министер за култура Бисера Костадинова-Стојчевска, актуелна пратеничка од СДСМ и за вицепремиер за европски прашања досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ.
На истите позиции остануваат вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за внатрешни работи Оливер Сапсовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Од ДУИ речиси и да нема промени освен министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шакири, кој сега ќе го води министерството за образование. Горан Милевски од ЛДП останува министер за локална самоуправа, а нови министри ќе бидат тројца од Алтернатива- за здравство Беким Сали, за информатичко општество Адмирим Алити и Џемаил Чупи, министер без ресор задолжен за дијаспората.