Ковачевски го достави предлогот за Влада до Собранието

Мандаорот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски

Мандаторот за состав на новата влада и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски денеска напладне на претседателот на Собранието Талат Џафери официјално му ги достави Предлог – составот и Предлог-програмата за работа на новата влада.

„Составот на владата ги има имињата коишто вчера ги соопштивме од СДСМ, од ДУИ, ЛДП и од Алтернатива. Ресорите се согласно со преземените одговорности во Владата и во согласност со Програмата на Владата. Програмата е континуитет на изборниот легитимитет којшто е добиен на изборите 2020 година со тоа што се вградени економските определби на новиот коалициски партнер Алтернатива, како и нови програмски цели коишто произлегоа од новите предизвици коишто се наоѓаат пред оваа влада“, рече Ковачевски откако во Собранието ги достави Предлог – составот и Предлог-програмата за работа на новата влада.

Тој нагласи дека клучен приоритет на Владата ќе биде справување со енергетската криза во државата која што, како што рече, е и европска енергетска криза. Втор приоритет, додаде мандатарот, е задржување на животниот стандард на граѓаните и на компаниите во светло на економската криза која што произлегува од енергетската криза и трет е исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти коишто се одобрени во Буџетот за 2022 година.

Инаку СДСМ синоќа на партиските состаноци одлучи за вицепремиер за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси да ја предложи Славица Грковска, поранешна пратеничка од СДСМ, за министер за одбрана Славјанка Петровска, актуелна пратеничка од СДСМ, за министер за правда професорот Никола Тупанчевски од Правниот факултет, за министер за земјоделство Љупчо Николовски, за министер за труд и социјална политика Јована Тренчевска – директорка на Државниот инспекторат за труд, за министер за култура Бисера Костадинова-Стојчевска, актуелна пратеничка од СДСМ и за вицепремиер за европски прашања досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ.

На истите позиции остануваат вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за внатрешни работи Оливер Сапсовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Според досегашните најави промени во кадрите од ДУИ нема да има. Прв заменик премиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците останува Артан Груби, министерството за надворешни работи ќе остане да го води Бујар Османи, министер за економија е Крешник Бектеши, за финансии Фатмир Бесими и за животна средина Насер Нуредини. Единствена промена е што досегашниот министер за администрација и информатичко општество Јетон Шакири ќе биде министер за образование.

Министерството за информатичко општество, пак, сега ќе го раководи кадар од Алетернатива- Адмирим Алити. Од таа партија ќе биде и министерот за здравство Беким Сали, а Џемаил Чупи ќе биде министер без ресор задолжен за дијаспората. Локална самоуправа останува кај Горан Милевски од ЛДП.

Во тимот на Ковачевски не се неколку министри кои беа во последниот владин состав кој го раководеше доскорашниот лидер на СДСМ и премиер во оставка Зоран Заев. Во новата влада нема да бидат министерката за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за европски интеграции Никола Димитров, министерката за труд и социјата Јагода Шахпаска, министерката за образование Мила Царовска, министерот за здравство Венко Филипче и министерката за култура Ирена Стефоска.

Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање зошто одлучил да направи компромис и во новата влада да задржи дел од претходните министри истакна дека во донесувањето на одлуките се водел од принципите на исполнување на обврските, капацитетот на личностите коишто го имаат и на перформансите што ги имале во изминатиот период на водење на одредени ресори. На прашањето, пак, дали со тоа што одлучил одредени министри од претходната влада да не се дел од предлог составот за новата сака да прати порака дека не е задоволен од тоа како се работело во ресорите со кои управувале, или само станува збор за политичка одлука истакна дека тие министри понеле товар во две исклучително тешки кризни години, но оти сами најавиле дека нема да учествуваат во новата влада.

„Тие веднаш по оставката на премиерот Заев ги понудија исто така своите оставки, односно комплетно растеретени од учеството во новата влада. Јас за нив сметам дека добро ги извршуваа своите задачи со тоа што во еден дел имаме ресори коишто низ преговорите се кај друг коалиционен партнер, а во друг случај имаме министри коишто одлучија својата кариера да ја насочат во друга насока“, рече Ковачевски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во својата завршна годишна изјава на крајот од декември, најави дека ако предлогот за нова влада пристигне до 11 јануари, во консултации со пратеничките групи, ќе определи датум за одржување седницата, која најверојатно би била на 15-16 јануари. Додаде дека очекува новата Влада да биде изгласана на 16, пред 24 часот, и таа да биде функционална на 17 јануари 2022 година.
Согласно Законот за Влада, Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Владата стапува на должност со денот на изборот.