ЗЕЛС бара итен состанок со Владата поради зголемените цени на енергенсите

Претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Скопје Данела Арсовска

Претседателството на Заедниците на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) ќе иницира измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, со цел да се подобри финансискиот и фискалниот капацитет, да се зголемат приходите на општините, а ќе побара и итен состанок со Владата за да се изнајде брзо и квалитетно решение за растот на цените на енергенсите.

Претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Скопје Данела Арсовска на денешната прес-конференција информираше за заклучоците од втората седница на Управниот одбор, која се однесуваше на разрешување на предизвиците со кои се соочуваат општините, предизвикани од енергетската криза, особено од драстичното зголемување на цената на електрична енергија.

„Еден од заклучоците е дека ќе се обратиме до Владата со што ќе побараме итен состанок на кој што би биле разгледани сите предлози кои произлегоа од вчерашната седница и како би изнашле заедничко решение кое најбрзо може да се преземе, а да се излезе во пресрет за да се разреши оваа криза од растот на цените на енергенсите на берзата“, рече Арсовска.

Таа напомена дека на седницата било истакнато оти генерално општините имаат сериозни финансиски проблеми и оти навистина е потребна итна интервенција од страна на Владата со која би се превенирало дополнително продлабочување на кризата. Исто така, еден од заклучоците од седницата е да се бара Владата заедно со Регулаторната комисија за енергетика да преземат мерки и да се санира состојбата.

„Тие издаваат лиценци за оваа намена од овој момент веруваме дека не е воспоставена контрола како што е случај во останатите земји“, рече Арсовска.

Последниве денови граѓаните кои се корисници на парно греење од Балкан Енерџи Груп- БЕГ се жалат дека радијаторите им се постудени и дека мора да загреваат дополнително бидејќи компанијата работи како што вели со оптимизиран режим. Од компанијата додаваат дека во услови на енергетска криза и раст на цената на енергенсите, пазарната цена по која компанијата го купува приодниот гас е повеќе од 4 пати повисока од цената која е предвидена во тарифата. Инаку од 1 јануари цената за парно греење се зголеми за 14,05 отсто за сите корисници во Градот Скопје и за трите компании кои ги снабдуваат граѓаните – Балкан енерџи груп (БЕГ), ЕСМ Енергетика и Скопје Север.