Мета-Албанија не треба да се одвои од Македонија на патот кон ЕУ

Претседателот на Албанија, Илир Мета изјави дека не сака Албанија да се одвои од Северна Македонија на патот кон ЕУ. Тој во интервју за емисијата Клик плус изјави дека како двете држави треба да ги зголемат напорите за да се движат заедно по тој пат и да се најде решение со Бугарија и билатералните прашања да не бидат пречка за пристапувањето на некоја држава кон ЕУ.

„Не би сакал никогаш да се разделиме бидејќи не само што сме две соседни земји туку сме исклучително заинтересирани Македонија да има прогрес, и доколку се движат побрзо од Албанија, нека има прогрес и Албанија нема зошто да ја влече Македонија назад. Ова беше мојот став и претходно и реков дека последните 2,3 години Македонија е многу понапред од Албанија, во правец на исполнување на главните задачи од евроинтеграцискиот процес. Досегашното вето од Бугарија е неоправдано бидејќи е неприфатливо билатерално прашање да стане пречка за проширувањето, бидејќи излегува дека секоја држава членка на ЕУ да може да постави вето било кому“, изјави Мета.

Албанскиот претседател Мета посочи дека наскоро ќе ја посети Бугарија и дека е предвидена средба со неговиот бугарски колега Румен Радев со кого планира да разговара за што е она што може да се направи за изнаоѓање на решение на македонско- бугарскиот спор.

Албанскиот претседал Мета утре како дел од тридневната посета на Скопје ќе се сретне со македонскиот претседател Стево Пендаровски во претседателската вила Водно. Во агендата на Мета предвидено е и средба со пратседателот на Собранието Талат Џафери.