Радев- Правата на македонските Бугари и реални резултати наместо рокови

Состанок во претседателкиот кабинет

Бугарија ја потврдува својата позиција кон евроинтеграцијата на Северна Македонија и новата Влада ќе мора да ја спроведе. Давањето согласност за почеток на преговорите за членство во ЕУ на РС Македонија не треба да биде врзано со рокови, туку со реални резултати, вклучително и во однос на правата на македонските Бугари. Ова го изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев по состанокот на Советодавното тело за национална безбедност.

Бугарскиот државен врв на состанок кај Радев за македонската евроинтеграција

Темата на состанокот беше „Улогата на Република Бугарија во проширувањето на ЕУ и во процесот на стабилизација и асоцијација: Република Северна Македонија и Албанија“.

Тој по состанокот изјави дека условите остануваат исти, со посебно внимание на почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија. Тој зборуваше за „децениска дискриминација“ и „отворени јавни напади против нив“. Според него Бугарија никогаш не го негирала правото на самопределување на на граѓаните на Северна Македонија врз основа на својата самосвест и јазик во согласност со Уставот.

„Бугарија инсистира на целосната рамноправност на македонските Бугари со останатите народи во Република Северна Македонија, експлицитно напишано во нивниот Устав. Политиката на дискриминација на македонските Бугари, 120.000 луѓе, неодамна ескалира. Правата на македонските Бугари се клучна точка во копенхашките критериуми за членство во ЕУ и за нив не може да се преговара“, изјавил Радев, пренесува бугарската новинска агенција БГНЕС.

Бугарскиот премиер Петков на 18 јануари во посета на Скопје

Тој додава дека е потребна сеопфатна и интензивна акција за да се врати довербата и да се засили соработката. Според него од особена важност се проектите за обезбедување транспортна и дигитална инфраструктура со акцент на Коридорот 8.

„Тоа ќе даде поттик на преговарачкиот процес“, додаде Радев.

Меѓу седумте точки по кои бугарската влада треба да се раководи во односите со Македонија се и спроведување на Договорот за добрососедство, изработка на акциски план со мерки за постигнување видлив напредок во сите области од билатералните односи, формирање на заеднички работни групи со Македонија во области согласно Договорот, целосна реализација на Коридорот 8 што би опфатило инфраструктурно, енергетско и дигитално поврзување од Бугарија до Албанија, како и воспоставување на структуриран дијалог и работни групи и меѓу собранијата на двете држави.

Овој состанок доаѓа на само една недела пред најавената посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје. Петков ветил дека ќе работи на решавање на спорот меѓу двете страни и рече дека рокот од шест месеци е реален за нормализирање на односите. Повод за посетата на Петков на Северна Македонија е и 30-годишнината од признавањето на независната македонска држава од страна на Бугарија.