Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Косово продолжуваат да се соочуваат со проблеми во врска со владеењето на правото и основните права. Поддршка на ЕУ за владеењето на правото во Западен Балкан имаше мало влијание врз унапредувањето на основните реформи за владеење на правото во тој регион, се вели во специјалниот извештај објавен од Европскиот суд на ревизори.
Во дел од земјите во Западниот Балкан се направени технички и оперативни реформи. Но, во контекст на недоволна политичка волја и недостаток на ангажман, поддршката од ЕУ беше во голема мера недоволна за справувањето со постојаните проблеми во области како што се независноста на судството, концентрација на моќ, политичко мешање и корупција, се вели во извештајот.
Приоритетите на ЕУ за владеење на правото во Западен Балкан се јасни и составен дел од инструментот за претпристапување кон Унијата. Но, ревизорите во извештајот заклучуваат дека мерки за решавањето суштинските проблеми како слабиот административен капацитет и политичката волја се премалку и често неефикасни, се вели во соопштението.
Балкански самит за балкански проблеми
Дополнително, ревизорите укажуваат на неконзистентна примена на предусловите за финансирање и реализација на проектите кои се дел од финансиската поддршка на ЕУ за земјите кандидатки за членство во Унијата. Во соопштението ревизорите потсетуваат дека во период од 2014 до 2020 за земјите од Западен Балкан е пружена помош во вредност од 700 милиони евра.
„ЕУ премногу ретко ги експлоатираше можност за суспендирање на помошта доколку корисникот не ги почитува основните принципи на демократија, владеење на правото и почитување на човековите права. Поддршката на ЕУ за граѓанското општество е недоволна за задоволување на потребите на секторот и најмногу се заснова на краткорочни проекти“ се вели во соопштението.
Според Јухан Партс, член на Европскиот суд на ревизори одговорен за извештајот, поддршката на ЕУ за владеењето на правото на Западен Балкан очигледно не e успешна во донесувањето целосна промена.
„ Скромниот напредок постигнат во изминативе 20 години ѝ се заканува на целосната одржливост на поддршката на ЕУ што се дава во согласност со процесот на пристапување. Постојаните реформи го губат кредибилитетот ако не се остварат опипливи резултати“ вели Партс.
Според извештајот на ревизорите, тоа што се чини дека акцијата на ЕУ придонесува за реформите е затоа што европските извештаи имаат тенденција да се фокусираат на квантитативни исходи, а недоволно за она што реално го постигнуваат реформите.
Македонија историски најлошо рангирана според индексот на корупција
Според проценката на ревизорите се добива поинаква слика со која напредокот на состојбата со владеењето на правото во регионот генерално е ограничен и се покажа дека одржливоста е тешко да се постигне. И покрај децениската политичка и финансиска поддршка на ЕУ помош, основните проблеми опстојуваат во многу земји од Западен Балкан. Тие вклучуваат проблеми со независноста на судството, борбата против корупцијата и слободата на изразување.
Ревизорите препорачуваат дека Европската комисија да го зајакне механизмот за промовирање на реформите во владеењето на правото, зголемување на поддршката за граѓанските организации и независните изворите на медиумите, треба поблиску да го поврзат финансирањето со напредокот во владеењето на правото и да го подобрат известување и следење на проектите кои произлегуваат од финансиската поддршка на ЕУ.