Судот во Мјанмар денеска ја осуди соборената лидерка Аунг Сан Су Ќи на уште четири години затвор поради илегален увоз и поседување на воки-токи и прекршување на ограничувањата воведени поради пандемијата на коронавирус, соопшти правен претставник. Су Ќи во декември беше осудена на четири години затвор за поттикнување немири и кршење на епидемиолошките мерки наметнати поради пандемијата на коронавирусот, која шефот на воената влада ја намали на две години.
Добитничката на Нобеловата награда за мир, 76-годишната Су Ќи, која е во притвор откако генералите изведоа државен удар и ја соборија нејзината влада во февруари минатата година, се соочува со десетици обвиненија.
Ако биде прогласена за виновна по сите обвиненија, би можела да биде осудена на вкупно над 100 години затвор.
Нејзините поддржувачи и независните аналитичари велат дека обвиненијата против неа се смислени за да го легитимираат воениот удар и да ја спречат да се врати во политиката.
Информациите за денешната пресуда донесена во главниот град Непјидо ја соопшти правен претставник кој инсистираше на анонимност, стравувајќи дека ќе биде казнет, зашто воената хунта му забрани на нејзиниот правен тим да зборува со медиумите или со меѓународните организации.
На медиумите не им е дозволено да присуствуваат на судењето кое се одвиваше зад затворени врати во Специјалниот суд.
Партијата на Су Ќи убедливо победи на општите избори во 2020 година, но војската ја презеде власта поради наводна изборна измама. Независните набљудувачи сепак оценија дека изборите главно биле слободни и фер.