Освен вознемиреност кај населението, земјотресите не предизвикаа поголеми материјални штети

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, соопшти дека синоќа регистрира серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130 километри јужно од Скопје во соседна Грција во околината на Лерин. Првиот земјотрес кој се случи во 22 часот и 43 минути беше со 5,6 степени според Рихтерова скала, а беше најсилно почувствуван од населението во југозападниот дел на Македонија и тоа со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала. Во централниот дел од земјава беше почувствуван со интензитет од IV степени, а во Скопје и околината со интензитет од III – IV степени. Вториот почувствуван земјотрес беше во 22 часот и 53 минути со 4,2 стпени, а беше почувствуван од населението во југозападниот дел на земјава со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.

Земјотрес со јачина од 5,3 степени ја погоди Грција, почувствуван и во С.Македонија

Според досегашните податоци, овие земјотреси освен мала вознемиреност кај населението не предизвикаа материјални штети, велат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Земјотресот ги вознемири жителите на Битола, Охрид и Кичево кои во голем број ги напуштија своите домови. Граѓани од трите градови велат дека потресот предизвикал напукнување на ѕидовите во некои објекти, но информации за посериозни штети засега нема. Тресењето на станбените објекти проследено со силен звук ги принуди жителите да ги напуштат домовите. Според Геодинамичкиот инсититут на Националната опсерваторија во Атина, епицентарот на земјотресот бил на грчко-македонската граница, шест километри северозападно од градот Лерин. За нешто помалку од 40 минути по силниот земјотрес, во поширокиот регион на Лерин беа регистрирани уште седум помали земјотреси, од кои еден од 4,2 степени, еден од 3,9 и два од 3,5 степени, соопшти Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина.