Блинкен не очекува напредок во раговорите на САД со Русија

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека не очекува напредок во американско-руските безбедносни разговори оваа недела, но се надева дека може да има области каде двете страни ќе можат да се договорат.

„Мислам дека нема да видиме какви било откритија во наредната недела“, рече Блинкен.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Москва не е оптимист за разговорите и дека САД инсистираат на еднострани отстапки од страна на Русија.

Претставници на Белата куќа соопштија дека американските и руските дипломати најверојатно ќе имаат „почетен разговор“ во Женева вечерва, пред да ја одржат својата „главна средба“ утре. Таканаречениот стратешки и безбедносен дијалог во Женева треба да биде проследен со дискусии меѓу Русија и членките на НАТО на 12 јануари.

Состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) кој ги вклучува САД, Украина и Русија е закажан во Виена на 13 јануари. Серијата состаноци доаѓаат по повеќенеделниот ќор-сокак околу распоредувањето на руските војници во близина на нејзината граница со Украина. Зголемувањето на руската војска предизвика загриженост дека Москва можеби подготвува нов упад во Украина.

САД и ЕУ во изминативе денови ги засилија предупредувањата за големи последици доколку Русија ја нападне Украина додека Москва носи војници во близина на нивната заедничка граница и притиска за исполнување на барањата за безбедносни гаранции дека НАТО нема да се шири на Исток.