Ковачевски: Во преговорите не може да правиме отстапки околу тоа дека сме Македонци

Мандатарот за состав на нова влада, Димитар Ковачевски

Мандатарот за состав на нова влада, Димитар Ковачевски изјави дека очекува со новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков, кој на 18 јануари треба да го посети Скопје да изгради конкретен и пријателски однос, со реторика меѓу двете држави која ќе биде на високо ниво. За време на средбата, Ковачевски очекува да бидат утврдат основите за натамошните разговори и формите на соработка и напредок, но и ширина на дејствување надвор од строго историски рамки и термини.

„Тоа е предуслов да напредуваме. Зближувањето и соработката меѓу двете земји во сите области од животот е важен предуслов за отстранување на сомневањата и погрешните перцепции. Јас сум подготвен да отвориме нова страница во односите со Бугарија и да изградиме искрено пријателство и подобра иднина за двете земји. Треба да се стиши гласот на омразата. Имаме реално повеќе сличности од разлики како држави и мора да се концентрираме на заедничкиот интерес. Само со ваков пристап ќе бидиме запаметени како лидери кои балканските конфликти ги надминале со европски пристап. Преку политика на взаемно почитување, градење иднина, соработка и компромиси“, изјави Ковачевски во интервју за МИА.

Ковачевски порачува дека во целиот процес не би отстапил од правото на самоопределување и посебниот идентитет и јазик, кои се неотуѓиво право на секој народ.

„Затоа во преговорите не можеме да правиме отстапки околу тоа дека сме Македонци од Република Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик и имаат посебен идентитет. Тоа е отсликано и во Декларацијата, која ја усвои нашето Собрание со поддршка од сите партии“, вели Ковачевски.

Во однос на составот на новата влада Ковачевски не открива конкретни имиња, но, напоменува дека секој е заменлив. Според него, станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои, као што рече, имале добра реализација и резултати во своите ресори. Тој порачува дека во фокусот на неговата влада во следните три месеци ќе биде одговорот на енергетската криза.

Бугарските власти соопштија дека повод за посетата на Петков е 30-годишнината од признавањето на независната македонска држава од Бугарија. Според соопштението, посетата ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и ќе ги претстави следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања.