Австралиската влада не му дала гаранција на тенисерот Новак Ѓоковиќ дека ќе биде прифатено неговото медицинското ослободување без вакцинација против Ковид-19 за влез во земјата, изјавија денеска владините адвокати пред сослушувањето закажано за понеделник.
Адвокатскиот тим на Ѓоковиќ соопшти дека српскиот играч имал проценка од Министерството за внатрешни работи дека неговите одговори на барањето за влез на патници во Австралија укажуваат дека тој ги исполнува условите за влез без карантин во земјата.
Но, во поднесокот на владата до судот, објавен доцна во неделата навечер, се вели дека тоа не е гаранција „дека неговото таканаречено медицинско ослободување ќе биде прифатено“, а неговите одговори може да бидат испитани и проверени по неговото пристигнување во Австралија.
Поднесокот на владата, исто така, го спори барањето на Ѓоковиќ за медицинско ослободување од барањата за вакцинација на Австралија врз основа на тоа дека тој се заразил со Ковид-19 во средината на декември.
„Нема сугестија дека апликантот имал „акутна значителна медицинска болест“ во декември 2021 година. Сè што кажа е дека бил позитивен на тестот за Ковид-19“, се вели во владиниот поднесок.
Шефот на Австралија опен, Крег Тајли денеска ги обвини конфликтните и брзи менувања на директивите во „предизвикувачко опкружување“ за конфузијата што резултираше со повлекувањето на визата на Ѓоковиќ.
„Нема на никого да ја префрлиме вината“, изјави Тајли за Канал 9, кој ги има домашните права за пренос на Австралија Опен.
Ѓоковиќ се надева дека ќе го освои својот 21 грен слем на Австралија опен, кој ќе започне во Мелбурн на 17 јануари. Тој ја оспорува одлуката да му се укине визаата за влез во Австралија откако беше запрен при пристигнувањето на аеродромот во Мелбурн во четвртокот.