Казахстанското министерството за внатрешни работи соопшти дека се приведени повеќе од 5.800 луѓе, вклучително и „значителен број“ странци. По неколкудневни насилни превирања, претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, се чини дека ја консолидираше власта во серија потези кои во голема мера ги задушија протестите.
Карим Масимов, поранешниот шеф на моќната домашна разузнавачка агенција, беше приведен под сомнение за велепредавство, соопшти вчера Комитетот за национална безбедност. Приведени беа и неколку други функционери.
Масимов, близок соработник на поранешниот долгогодишен претседател Нурсултан Назарбаев, беше приведен на 6 јануари, истиот ден кога Токаев го разреши од функцијата шеф на Комитетот за национална безбедност и го замени со Јермек Сагимбаев.
Масимов, кој беше два пати премиер и поранешен шеф на кабинетот на Назарбаев, беше ставен настрана додека Токаев го презеде раководството на Советот за безбедност.
Токаев претходно им дозволи на безбедносните сили да отворат оган врз, како што рече, „бандити“ и „терористи“, етикети кои демонстрантите ги отфрлија. Протестите избија во западниот регион на земјата на 2 јануари поради зголемување на цената на горивото пред да се прошират и да се претворат во повици за политички реформи во строго контролираната земја.