Руските власти денеска соопштија дека се „разочарани“ од сигналите од Вашингтон и Брисел во пресрет на разговорите во Женева, Швајцарија. Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Москва не е оптимист за разговорите и дека САД инсистираат на еднострани отстапки од страна на Русија.
Претставници на Белата куќа соопштија дека американските и руските дипломати најверојатно ќе имаат „почетен разговор“ во Женева вечерва, пред да ја одржат својата „главна средба“ утре. Таканаречениот стратешки и безбедносен дијалог во Женева треба да биде проследен со дискусии меѓу Русија и членките на НАТО на 12 јануари.
Состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) кој ги вклучува САД, Украина и Русија е закажан во Виена на 13 јануари. Серијата состаноци доаѓаат по повеќенеделниот ќор-сокак околу распоредувањето на руските војници во близина на нејзината граница со Украина. Зголемувањето на руската војска предизвика загриженост дека Москва можеби подготвува нов упад во Украина.
Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година и ги поддржа проруските сепаратисти кои се борат со владините сили во источна Украина. Во Вашингтон, висок функционер на Белата куќа им рече вчера на новинарите дека „нема да има цврсти обврски преземени во овие разговори“. Но, официјалниот претставник рече дека американските власти мислат дека можат „барем да ја истражат можноста за напредок со Русите“.
„Нема да знаеме додека не дојдеме до овие разговори кои почнуваат утре вечер дали Русија е подготвена сериозно и со добра волја да преговара“, рече функционерот, кој сакаше да остане анонимен. „Ние одиме на овие состаноци со чувство на реализам, а не со чувство на оптимизам“, додаде тој.
САД и ЕУ во изминативе денови ги засилија предупредувањата за големи последици доколку Русија ја нападне Украина додека Москва носи војници во близина на нивната заедничка граница и притиска за исполнување на барањата за безбедносни гаранции дека НАТО нема да се шири на Исток.