Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) соопшти дека потрошувачите кои не добиле соодветна услуга од снабдувачот со топлинска енергија може да поднесат приговор до нив. Според РКЕ, снабдувачот е должен да ја прилагоди температурата доколку има поплаки од Управител односно од Заедница на сопственици и барање за повисока температура од минимум пропишаната.
„Снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 20+1 Целзиусов степен во грејните простории во времето од 6 до 22 часот во текот на денот. Дополнително, согласно член 10 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, Управителот односно Заедницата на сопственици, поднесува писмено барање до снабдувачот за промена на режимот и нивото на испорака на топлинска енергија на мерното место. Снабдувачот е должен да постапи по барањето за температурниот режим на објектот што е доставено од Управителот односно Заедницата на сопственици“, соопшти РКЕ.
РКЕ посочува дека по поплаките од снабдувачите екипи од снабдувачот мора да излезат на терен и да ја проверат фактичката состојба.
„Потрошувачите не постојат за да ги финасираат снабдувачите, туку за да платат услуга која треба да им биде обезбедена“, вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
РКЕ посочува и дека минатата година побарала да се направат измени во Законот за енергетика со кои ќе се зголемат ингеренциите и ќе се прецизираат надлежностите во однос на изрекување повисоки казни кон операторите на дистрибутивните системи доколку поради нивна неажурност и лоша организација ги оставиле потрошувачите без греење во време на грејна сезона. Согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, цената парното греење во Скопје од овој месец е зголемена за 14 отсто.