Руското Министерство за надворешни работи денеска во објава на Фејсбук ги нарече коментарите на американскиот државен секретар Ентони Блинкен „глупав обид“ за хумор и го бранеше распоредувањето на трупите од страна на Организацијата на Договорот за колективна безбедност во Казахстан како „целосно легитимен одговор“.
Министерството за внатрешни работи на Казахстан објави дека повеќе од 4.000 луѓе се приведени во тековните операции за задушување на демонстрациите во земјата, што доведе до барање за интервенција од регионалниот воен сојуз предводен од Русија.
Блинкен го доведе во прашање образложението на барањето на Казахстан за помош од воената алијанса во која доминира Русија. Највисокиот американски дипломат вчера рече дека казахстанските власти „сигурно имаат капацитет соодветно да се справат со протестите“ на начин кој ги почитува правата на демонстрантите и истовремено одржувајќи го законот и редот.
„Значи, не е јасно зошто чувствуваат потреба од каква било надворешна помош, па затоа се обидуваме да дознаеме повеќе за тоа“, рече Блинкен. „Мислам дека една лекција од поновата историја е дека штом Русите се во вашата куќа, понекогаш е многу тешко да ги натерате да си заминат“, додаде тој.
Претходно, претседателот на централноазиската земја Касим-Жомарт Токаев им дозволи на безбедносните сили да отворат оган врз, како што рече, „бандити“ и „терористи“, етикети кои демонстрантите ги отфрлија. Во текот на ноќта до утринава се слушаа истрели во Алмати. Десетици луѓе, меѓу кои и 18 офицери за безбедност се убиени во судирите, соопштија официјални лица.
Протестите избија во западниот регион на земјата на 2 јануари поради зголемување на цената на горивото пред да се прошират и да се претворат во повици за политички реформи во строго контролираната земја.