Најдобро рангираниот тенисер Новак Ѓоковиќ го започна процесот за оспорување на одлуката на австралиската влада да му ја откаже визата, велејќи дека минатиот месец се заразил со Ковид-19 и на тој начин се квалификувал за медицинско ослободување од барањата за вакцинација во земјата.
Адвокатскиот тим на српската ѕвезда денеска поднесе документација од 35 страници во која се наведува дека одлуката треба да се промени, што потенцијално ќе значи дека Ѓоковиќ ќе може да ја брани титулата на Австралија опен подоцна овој месец.
Во неа има заверен документ кој покажува дека Ѓоковиќ бил позитивен на коронавирусот на 16 декември и дека немал симптоми до 30 декември. Се очекува тенисерот да биде сослушан пред австралискиот суд на 10 јануари.
Документацијата исто така покажува дека Ѓоковиќ рекол дека добил писмо од главниот медицински службеник на Tennis Australia во кое се наведува дека има медицинско ослободување од вакцинација како резултат на тоа што се заразил со Ковид-19.
Случајот на Ѓоковиќ продолжува да предизвикува контроверзии пред првиот тениски Грен слем турнир годинава, бидејќи се појави вест и дека визата на чешката тенисерка во двојки Рената Воракова, исто така, била откажана и покрај тоа што добила ослободување од вакцинација.
Владата на земјата објави писмо во кое го доставила до организациското тело за тенис во ноември велејќи дека претходната инфекција со Ковид-19 не била нужна основа за изземање во Австралија.
Воракова, како и Ѓоковиќ, е ставена во притвор во имиграциски центар во Мелбурн. Австралиските власти рекоа дека Ѓоковиќ е слободен да замине, само не треба да влезе на австралиска територија додека федералниот суд се подготвува за неговото сослушување.
Министерката за внатрешни работи Карен Ендрјус изјави дека покрај Воракова и Ѓоковиќ, се истражува уште едно ослободување од вакцинација доделено во врска со Австралија опен, кој треба да започне на 17 јануари