МВР соопшти дека дезинформација е дека поранешниот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев избегал со авион што во Бишкек, Киргистан слетал од Северна Македонија, јави МИА.
Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислам Тунтев за МИА изјави дека на 7 јануари имало лет од Скопје за аеродромот Манас во Бишкек. Тој посочи дека авионот дошол од Истанбул и заминал за Бишкек.
Според него, станувало збор за најавен и одобрен бизнис лет со авион од типот „бомбардиер глобал експрес“ од турски оператор. Авионот, како што наведе Тунтев, ги исполнувал сите услови и барања и ја доставил целокупната потребна документација за да добие одобрение за летот од македонските воздухопловни власти.
Руската агенција РИА Новости вчера пренесе вест на локалните медиуми во Казахстан дека два приватни авиона, наводно на семејеството Назарбаев, слетале на аеродромот „Манас“, во главниот град на Киргистан, Бишкек, од кои едниот бил од Северна Македонија.
Министерството за внатрешни работи на Казахстан објави дека повеќе од 4.000 луѓе се приведени во тековните операции за задушување на демонстрациите, што доведе до барање за интервенција од регионалниот воен сојуз предводен од Русија. Во услови на зголемени немири претседателот на Казахстан прогласи вонредна состојба и на 5 јануари. Немирите избија минатата недела поради зголемените трошоци за гориво во земјата.