Поранешниот шеф на казахстанската разузнавачка агенција, Карим Масимов е приведен под сомнение за велепредавство, два дена откако беше разрешен од функцијата поради насилните протести. Комитетот за национална безбедност не даде дополнителни детали за неговото приведување, но, соопшти дека се приведени и други неидентификувани безбедносни службеници.
56-годишниот Масимов е поранешен премиер и се смета за долгогодишен соработник на поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев. Масимов ја извршуваше функцијата од неговото назначување во 2016 година.
Министерството за внатрешни работи на Казахстан објави дека повеќе од 4.000 луѓе се приведени во тековните операции за задушување на демонстрациите, што доведе до барање за интервенција од регионалниот воен сојуз предводен од Русија.
Претходно, претседателот на централноазиската земја Касим-Жомарт Токаев им дозволи на безбедносните сили да отворат оган врз, како што рече, „бандити“ и „терористи“, етикети кои демонстрантите ги отфрлија.
Во текот на ноќта до утринава се слушаа истрели во Алмати. Десетици луѓе, меѓу кои и 18 офицери за безбедност се убиени во судирите, соопштија официјални лица.
Демонстрантите на почетокот на неделата запалија и ограбуваа јавни згради во неколку градови во најголемото насилство за време на 30-те години независност на централноазиската држава.
Во вчерашното обраќање до нацијата претседателот Токаев рече дека редот во голема мера е воспоставен низ целата земја откако им даде зелено светло на полицијата и армијата да „отворат оган без предупредување“.
„Во нашата земја продолжува антитерористичката операција. Полицијата, националната гарда и армијата вршат големи и добро координирани напори за воспоставување ред и мир“, рече Тоќаев.
Во услови на зголемени немири Токаев прогласи вонредна состојба и на 5 јануари и побара од Организацијата на Договорот за колективна безбедност предводена од Русија да помогне во осигурување на безбедноста. Немирите избија минатата недела поради зголемените трошоци за гориво во земјата.