Бугарскиот премиер Петков на 18 јануари во посета на Скопје

Бугарскиот премиер Кирил Петков

Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека висока делегација од Бугарија предводена од премиерот Кирил Петков на 18 јануари ќе ја посети земјава.Во придружба на Петков, како што соопшти МНР, ќе бидат и министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, како и министерот за транспорт и врски, Николај Сабев.

„Посетата е планирано да се реализира веднаш по стапувањето во функција на новата Влада на Република Северна Македонија, со што двете држави сведочат за важноста која ја придаваат на меѓусебните односи и соработка. На средбите се очекува да се реафирмираат досегашните резултати и постигнат напредок, како и да се воспостави дополнителна интензивна комуникација во насока на надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји“, наведува МНР.

Во фокусот на разговорите, според соопштението, ќе бидат доследната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во август 2017 година, како и продолжувањето на напорите за исчекор во обидите да се обезбеди поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.

Бугарските власти соопштија денеска дека повод за посетата е 30-годишнината од признавањето на независната македонска држава од Бугарија. Според соопштението, посетата ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и ќе ги претстави следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања.

„Треба да го промениме сфаќањето за тоа што навистина значи Република Северна Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина. Ајде да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме ние и Република Северна Македонија од овој процес“, рече Петков.

Ова би била прва посета на бугарскиот премиер откако беше избран на функцијата. Петков од собраниската говорница во бугарското Народното собрание изјави дека ставот на Бугарија за преговарачкиот процес за Република Северна Македонија не е променет, туку ќе биде надграден со работа на пет работни групи за изнаоѓање решенија за прашања како што се инфраструктура, економија, историја и култура.

Надежите дека во декември земјата ќе добие датум за преговори се урнаа откако Бугарија соопшти дека нема намера да ја промени својата позиција. Новата бугарска влада кога стапи на функција предложи рок од шест месеци за да се најде решение за спорот.