Бугарски суд осуди новинари за текстови објавени пред четири години

Двајца новинари во Бугарија и една веб-страница се осудени за клевета и им е наложено да платат околу 35 илјади долари казна за написи објавени во 2018 година, што се опишува како пресуда без преседан, јавува бугарскиот сервис Радио Слободна Европа.

Софискиот градски суд (ДСК) утврди дека Борис Митов, сега новинар во бугарскиот сервис на РСЕ, а во 2018 година вработен во информативниот портал Медиапул и неговата тогашна уредничка Стојана Георгиева му нанеле физичка и психичка болка на Светлин Михаилов, поранешен претседател на Градскиот суд во Софија. Судот ги казни новинарите и медиумот за текстови објавени пред четири години.

Во 2018 година, Митов известуваше за кандидатурата на Михаилов за претседател на најголемиот окружен суд во Бугарија. Четири од тие написи беа дел од обвинението против нив, по што судијката Даниела Попова на 21 декември донесе одлука дека тие содржат „клеветнички наводи против тужителот“, Михаилов.

Адвокатите на Митов и Георгиева во судскиот процес тврдеа дека предметните написи содржеле информации за Михаилов, вклучително и прашања за неговото значително богатство и имот, кои се појавиле во тоа време и во други медиумски публикации.

Во својата пресуда, Попова не прецизираше точно кои извадоци од предметните написи ги смета за „непристојни, вулгарни и цинични“.

Со пресудата е утврдено дека двајцата новинари и Медиапул треба да да му платат на Михаилов по 20.000 лева односно по 11.553 долари.

Адвокатите на двајцата новинари и Медиапул поднесоа жалба на пресудата, но се уште не е одреден датум за тоа рочиште.