Шефицата на Европската комисија и новото француско раководство кое од 1-ви јануари претседателствува со ЕУ денеска ја истакнаа потребата од европско вклучување додека Русија и Западот продолжуваат дипломатски да се расправаат околу можната закана од ескалација на конфликтот во Украина.
Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен изјави дека Европската унија е „многу присутна“ во Украина, вклучително и преку милијардите финансиска помош за Киев и зависноста на блокот од испораките на руски природен гас преку Украина.
„Едно е јасно: нема решение без Европа. Какво и да е решението, Европа мора да биде вклучена“, изјави таа.
САД и ЕУ во изминативе денови ги засилија предупредувањата за големи последици доколку Русија ја нападне Украина додека Москва носи војници во близина на нивната заедничка граница и притиска за исполнување на барањата за безбедносни гаранции дека НАТО нема да се шири на Исток.
Министрите за надворешни работи на НАТО на видео состанок за разговорите со Русија
Францускиот претседател Емануел Макрон ги поздрави директните американско-руски разговори закажани за следната недела.
„Но европската безбедносна архитектура зависи од нас да ја изградиме“, изјави тој по средбата со фон дер Лајен.
Франција официјално го презеде шестмесечното, ротирачко претседавање со Европската Унија на почетокот на јануари.
Во Украина во услови на потенцијална руска инвазија „нема хистерија“
Макрон рече дека „добро е што има дискусии меѓу Соединетите Држави и Русија“ и додаде дека „координацијата меѓу Европејците и Американците е примерна за ова прашање“. Но, тој ја повика Европската унија да одржи свои разговори со Москва.
„Дијалогот не значи правење отстапки“, додаде тој.
Министрите за надворешни работи на НАТО треба да се состанат денеска за да го координираат пристапот на членките кон Русија. Официјални претставници на САД и Русија ќе се сретнат во Женева на 10 јануари.