Дачиќ- Ѓоковиќ е политички злоупотребен

Српскиот претседател на Собранието Ивица Дачиќ, изјави денеска дека српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е подложен на „одвратно, политичко малтретирање и злоупотреба“ во Австралија, јавува новинската агенција Бета. Дачиќ тврди дека ситуацијата во Австралија е „политички нестабилна бидејќи сите бркаат рејтинг“ и дека сега таму се случува „злоупотреба за политички цели“.

„Тој не се покани самиот, му дадоа таканаречен исклучок. Знам за овие случаи на ослободување, бидејќи тоа моравме да го побараме и кога отидовме во Глазгов, на состанокот за климатските промени, што беше организиран од ОН бидејќи не можете да влезете во некои земји ако сте вакцинирани со руска вакцина како јас“, изјави Дачиќ.

За жалбата на Ѓоковиќ ќе се одлучува в понеделник

Австралиската министерка за внатрешни работи Карен Ендрјус демантираше дека Ѓоковиќ „го држат како заробеник“ во земјата откако тој ја поминал ноќта во хотел за сместување имигранти во Мелбурн, додека неговите адвокати ја обжалиле одлуката до локалните власти за неговата депортација.

„Новак Ѓоковиќ не го држиме како заробеник во Австралија, тој може слободно да си замине во секое време кога ќе смета дека е соодветно, а пограничните власти ќе му помогнат во тоа,“ изјави Ендрјус за националната телевизија.

Министерката исто така додаде дека локалните служби ги разгледуваат случаите на уште двајца невакцинирани тенисери кои се примени во земјата да учествуваат на Австралија опен со слични медицински исклучоци.

Србија му врачи вербален протест на амбасадорот на Австралија за однесувањето кон Ѓоковиќ

Бранителот на титулата на Австралија опен Ѓоковиќ беше спроведен во хотелот од аеродромот во Мелбурн во средата по пристигнувањето во земјата, откако граничните власти ја оспорија валидноста на неговата виза.

Двонеделниот тениски турнир Австралија опен е еден од врвните настани во светскиот тенис со публика од стотици милиони. Ѓоковиќ е 20-кратен Гренд Слем шампион во сингл и ги освои последните три турнира на Австралија Опен.

Ѓоковиќ поднесе барање за медицинско ослободување од вакцинација пред овогодинешниот Австралија опен, но не кажа кои се неговите медицински проблеми.