Србија му врачи вербален протест на амбасадорот на Австралија за однесувањето кон Ѓоковиќ

Во Белград се одржа протест за задржувањето на Новак Ѓоковиќ во Мелбурн,6.1.2021

На амбасадорот на Австралија во Србија, Даниел Емери, во Министерството за надворешни работи на Србија му е искажан вербален протест поради несоодветниот третман во Мелбурн кон најдобриот светски тенисер и државјанин на Србија, Новак Ѓоковиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Државниот секретар на Министерството за надворешни работи на Србија, Немања Старовиќ, изрази очекување дека амбасадорот Емери ќе вложи лични напори за да му овозможи на Ѓоковиќ да сочека судска одлука дали може да престојува во Австралија во сместување што е соодветно за спортист од негов ранг.

„Србија не сака на кој било начин да влијае на претстојната одлука на австралиското правосудство, но очекува извршните власти на таа земја, во духот на добрите билатерални односи меѓу Австралија и Србија, а во согласност со нивните надлежности, да му дозволи на Ѓоковиќ да го помине Божиќ во подобро сместување“, се наведува во соопштението на срското МНР.

Старовиќ нагласи дека српската јавност има силен впечаток дека Ѓоковиќ е жртва на политичката игра против негова волја и дека бил намамен да отпатува во Австралија за да биде понижен.

Државниот секретар Старовиќ истакна дека Новак Ѓоковиќ не е криминалец, терорист или илегален мигрант, но дека така бил третиран од страна австралиските власти, што предизвикува разбирливо негодување кај неговите фанови и граѓаните на Србија.

34-годишниот Србин, кој важи за јавен критичар на вакцините, е затворен во хотелска соба во Мелбурн откако австралиските гранични сили на шести јануари го отфрлија првичното медицинско ослободување од вакцинација против Ковид-19. Австралискиот федерален окружен суд за неговата жалба ќе одлучува в понеделник, на 10 јануари. Тој отпатува за да ја брани титулата на тенискиот турнир Австралија Опен кој треба да почне на 17 јануари.