Американскиот претседател Џо Бајден го обвини неговиот претходник Доналд Трамп за создавање „мрежа од лаги“ за изборите во 2020 година и ги повика Американците да одлучат дали ќе бидат нација која го прифаќа политичкото насилство како норма. Тој ова го кажа во жестокиот говор на првата годишнина од смртоносниот упад во американскиот Капитол од страна на поддржувачите на Трамп.
Бајден зборуваше на 6 јануари во сала во зградата на Капитол, која беше една од оние во кои упаднаа поддржувачите на поранешниот претседател и во која загинаа најмалку пет лица. Има „нула докази“ за изборна измама, рече Бајден, наведувајќи ги заклучоците од бројните судски случаи поведени од Трамп и неговите републикански сојузници.
„За првпат во нашата историја, претседател не само што изгуби избори, туку се обиде да спречи мирен трансфер на власта додека насилната толпа упадна во Капитол“, рече Бајден кој додаде дека не успеале.
Денешните одбележувања веројатно ќе ги истакнат партиските перцепции за насилниот упад од толпата која се обиде да го спречи потврдувањето на изборната победа на демократот Бајден над републиканецот Трамп во 2020 година, при што повеќето републикански пратеници одбија да присуствуваат.
„Еве ја Божјата вистина за 6 јануари 2021 година“, рече Бајден додавајќи „тие сакаа да го урнат Уставот“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Трамп,пак, негираше дека ја поттикнал толпата на насилство. Во писмената реакција по говорот на Бајден, поранешниот американски претседател го обвини актуелниот дека денеска го користел неговото име за да се обиде, како што наведе, дополнително да ја подели Америка.
Инаку конгресниот комитет што ги истражуваше настаните од 6 јануари сослуша стотици сведоци за насилството во кое, покрај смртните случаи, беа повредени и повеќе од сто полицајци.
Јавниот обвинител Мерик Гарланд на 5 јануари изјави дека властите досега уапсиле и обвиниле околу 725 лица ширум земјата во врска со нападот. Тој рече дека 145 демонстранти се изјасниле за виновни за прекршоци, а уште 20 се изјасниле за виновни за кривични дела.