Поранешниот бугарски премиер и актуелен лидер на ГЕРБ Бојко Борисов за неполна година по втор пат е повикан на распит во генералната управа на национална полиција во Министерството за внатрешни работи. Тој во мај лани беше повикан за наводите за притисок врз сведок во стара истрага за корупција, а денеска, како што јавува бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа, бил на нов распит за случајот со објавените фотографии од неговата спална соба на кои се гледаат повеќе банкноти од 500 евра и пиштол.
Иако за овој случај имаше обвинителска истрага, која заврши без да се поведе предистражна постапка, МВР неодамна формираше своја истрага откако доби претставка од граѓанското движење БОЕЦ.
Борисов по распитот, кој траеше околу половина час, на новинарите им рече дека истражителите го прашале како успеал да ги задржи приходите на Бугарите толку високи, да ја задржи најниската цена на гасот со години, како успеал да ја задржи цената на струјата најниска, како успеал да ја внесе Бугарија во Европската банкарска унија.
Тој не е премиер на Бугарија од минатата година, а со прекини ја водеше бугарската влада од 2009 до 2021 година.