Вучиќ- Србија не се согласува со одлуката на САД за санкции за Додик

Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик, 15.11. 2021

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека официјален Белград не се согласува со одлуката на американските власти да воведат санкции за српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Милорад Додик и дека Србија нема да ги спроведува.

Санкциите за дела за корупција се воведени против самиот Додик кој е лидер на Сојузот на независните социјалдемократи, но и против Алтернативната телевизија од Бања Лука, која е поврзана со него.
Одговарајќи на новинарски прашања денеска Вучиќ рече дека тоа се комплицирани работи кои „не се за итна реакција, а особено не за брзање“.

„Србија не мисли дека решението е во санкциите и нема сомнеж дека Република Србија нема да се согласи за ниту една точка, не само што нема да воведе санкции против членовите на својот народ и претставниците на нејзиниот народ во Босна и Херцеговина и Република Српска“, рече Вучиќ.

Тој рече дека одлуката на САД носи бројни предизвици не само за Република Српска туку и за Србија. Како „страшна“ ја оцени одлуката Алтернативната телевизија да биде ставена под санкции.

„Ќе имаме многу прашања до американската администрација за некои други медиуми и врски со криминалот и корупцијата, на кои се чини невозможно да се даде соодветен одговор, но тоа ќе го оставиме за времето веднаш по Божиќ“, рече Вучиќ.

Тој рече дека е загрижен поради воведените санкции, но додаде дека Србија мора да одржува „рационални и пристојни односи“ со САД.
Вучиќ најави дека на 10 или 11 јануари ќе разговара со Додик и со претседателката на Република Српска Жељка Цвијановиќ.