Верувам дека сите ветувања и ангажмани преземени од нашите соседи ќе бидат исполнети за да се забрза процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската унија, рече денеска бугарскиот претседател Румен Радев, а пренесува бугарската агенција БГНЕС.
Тој ги поздрави намерите на бугарската влада да биде активиран дијалог, од како што рече, заемен интерес меѓу двете држави. Радев повтори дека уставните гаранции за македонските Бугари, запирањето на говорот на омраза и прекинување на, како што рече, процесот на дебугаризација само ќе помогнат да се забрзаат работите и да може Бугарија да ја отвори вратата за преговори за зачленување на Република Северна Македонија во Европската унија.
Инаку бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за ТВ Блумберг најави дека датумот на неговата прва посета на Северна Македонија најверојатно ќе биде 18 јануари. Тој посочи дека досега главниот фокус беше на историската дебата, но оти смета дека е поважно сите дискусии да се стават на победничка основа за сите. Затоа, како што рече, отворале пет нови групи – за инфраструктура, економија, културни размени, влегување во ЕУ и историја. Тој додаде дека сака овие групи да работат исклучително ефикасно во следните шест месеци и да постигнат реални резултати. Ова би била прва посета на Петков кој е избран минатиот месец, но и прва средба со евентуално новиот македонски премиер Димитар Ковачевски.
Претседателот Стево Пендаровски на новиот лидер на СДСМ Ковачевски му го додели мандатот за составување на новата влада на 29 декември 2021 година, а според Уставот тој има рок од дваесет дена да го предложи владиниот состав и програмата во Собранието. За да биде изгласана владата треба да има поддршка од најмалку 61 пратеник, а најавите на Ковачевски се дека својот предлог ќе го достави до Собранието идната недела.