За жалбата на Ѓоковиќ ќе се одлучува в понеделник

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ

Австралискиот суд за следната недела ја одложи одлуката за жалбата на светскиот тенисер број еден Новак Ѓоковиќ против неговото депортирање, додека во земјата продолжуваат негодувањата за можното ослободување од обврската за вакцинација со што би му се овозможило да ја брани титулата на тенискиот турнир Австралија Опен кој треба да почне на 17 јануари.

34-годишниот Србин, кој важи за јавен критичар на вакцините ќе помине најмалку уште една ноќ затворен во хотелска соба во Мелбурн, каде што е задржан откако претставниците на австралиските гранични сили на шести јануари го отфрлија првичното медицинско ослободување од вакцинација против Ковид-19. Австралискиот федерален окружен суд одлучи за неговата жалба да се одлучува в понеделник, на 10 јануари.

Двонеделниот тениски турнир Австралија опен е еден од врвните настани во светскиот тенис со публика од стотици милиони. Ѓоковиќ е 20-кратен Гренд Слем шампион во сингл и ги освои последните три турнира на Австралија Опен.

Најавата на Ѓоковиќ дека добил ослободување од обврската за вакцинација и неговото заминување за Мелбурн, наиде на негодување кај некои Австралијци кои се меѓу најограничените популации во светот поради рестриктивните ковид мерки, но и покрај тоа имаат огромен скок на новозаразени откако се појави новиот сој Омикрон пред еден месец.

Долгогодишниот ривал на Ѓоковиќ Шпанецот Рафаел Надал изјави дека „на некој начин ми е жал за него“, но додаде дека „ги знаел условите уште од пред многу месеци“. Надал, Ѓоковиќ и Швајцарецот Роџер Федерер, кој нема да биде во Австралија, се изедначени и имаат 20 Грен слем титули.

„Ѓоковиќ не обезбеди соодветни докази за да ги исполни условите за влез во Австралија, а визата потоа му беше откажана“, се наведува во соопштението на австралиските гранични сили на 6 јануари.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на Инстаграм објави дека разговарал со Ѓоковиќ по телефон и му рекол дека „цела Србија е со него“ и дека српските власти ги преземаат сите мерки за што поскоро „да престане малтретирањето на најдобриот светски тенисер”.

Ѓоковиќ поднесе барање за медицинско ослободување од вакцинација пред овогодинешниот Австралија опен, но не кажа кои се неговите медицински проблеми.

Австралискиот премиер Скот Морисон предупреди дека Ѓоковиќ ќе биде во „следниот авион дома“ доколку неговите докази за изземање од правилата за вакцинација ковид-19 се сметаат за недоволни.