Токаев го тргна Назарбаев од претседател на Советот за безбедност

Полицијата во обид да растури протести во Казахстан.

Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, прогласи вонредна состојба во целата земја и ја презеде функцијата претседател на Советот за безбедност од поранешниот лидер Нурсултан Назарбаев, откако илјадници антивладини демонстранти се судрија со полицијата и упаднаа во владини згради. Бранот немири кој трае неколку денови беше предизвикан од наглото покачување на цената на течниот гас.

Гневните демонстранти, од кои некои беа вооружени со гумени палки, стапови и штитови, на 5 јануари ја запалија претседателската резиденција и канцеларијата на градоначалникот во најголемиот град во земјата, Алмати. Демонстрантите, исто така, ја презедоа контролата врз аеродромот, што предизвика привремена суспензија на сите летови.

Продолжуваат жестоките протести низ Казахстан


Полицијата се вклучи во жестоки пресметки со демонстрантите, употребувајќи солзавец, шок-бомби и гумени куршуми во обид да се растера толпата, но во голема мера таквите обиди беа неуспешни.

Како што јавуваат новинарите на казахстанскиот сервис на РСЕ интернетот и телефонијата во земјата се значително влошени.

Токаев претходно денеска ја разреши владата, а подоцна прогласи вонредна состојба во обид да ги задуши протестите, кои избувнаа во западниот регион Мангистау пред три дена поради ненадејното зголемување на цените на течниот нафтен гас (ТНГ), гориво што се користи во возилата во земјата богата со нафта. Освен цената на нафтата луѓето протестираат и поради општото незадоволство од корупцијата, невработеноста и ниските плати.

Во голем потег да се дистанцира од минатото, Токаев го отстрани и својот претходник, 81-годишниот Нурсултан Назарбаев, од моќната функција шеф на Советот за безбедност на земјата.

Назарбаев го задржа тоа овластување откако се повлече од функцијата претседател во 2019 година по три децении на власт.

Според Министерството за внатрешни работи, повеќе од 200 лица биле приведени за време на немирите од претходната ноќ во Алмати и на други места, но набљудувачите велат дека тој број е далеку повисок. Министерството исто така соопшти дека во судирите се повредени најмалку 95 полицајци.