Новиот бугарски премиер Кирил Петков во интервју за ТВ Блумберг ветува дека ќе го прекине дипломатскиот ќорсокак со Северна Македонија околу преговорите за пристапување на земјата во ЕУ, поради кој застој се запираат амбициите на Македонија за влез во Унијата.
Бугарија повеќе од една година го блокира почетокот на преговори меѓу Македонија и ЕУ поради историски и јазични тврдења, истовремено тврдејќи дека се кршат правата на бугарските државјани во земјата.
Петков, кој беше избран на изборите пред неколку месеци, а на функцијата премиер е од 13 декември вели дека сака да ја префрли дебатата од историските спорови за да се фокусира на инфраструктурата и економскиот развој.
„Треба да ги ставиме сите дискусии на сите вин-вин ситуации меѓу двете земји. Ако двете страни почнат да зборуваат за добрите страни, подготвеноста да се постигне договор за важни прашања ќе биде полесна“, рече во вторникот Петков во интервју за Блумберг њуз во Софија.
Во текстот на Блумберг се наведува дека повеќе од 70 отсто од Бугарите велат дека Северна Македонија мора да ги реши своите спорови пред да напредува во ЕУ.
Со оглед на тоа што коалициските партнери на Петков, исто така, изразуваат неподготвеност да понудат отстапки, во текстот се оценува дека неговата задача ќе биде тешка. Билатералната комисија од историчари дебатира со години, без напредок на повидок.
Петков вели дека работните групи ќе имаат почести средби за да постигнат напредок по ова прашање во текот на следните шест месеци, обезбедувајќи основа за Бугарија повторно да ја разгледа својата позиција. За да ја олесни промената, тој наведува дека ќе се заложи за паневропски механизам кој ќе штити од дискриминаторски третман на етничките групи.
И двете страни најавија интензивирање на комуникацијата уште во првите недели од оваа година, но се чека првин во Македонија да се изгласа новата влада. Мандатарот Димитар Ковачевски се очекува за неколку денови да ги соопшти кадровските решенија за новиот владин состав.