Санкции, флурон и „дипломатски“ тепачки
САД / БИХ - Американското Министерство за финансии објави проширени санкции кои го опфаќаат и членот на босанските Срби на тричленото претседателство на Босна и Херцеговина, Милорад Додик. Санкциите за дела за корупција се воведени против самиот Додик, но и против Алтернативната телевизија од Бања Лука, која е поврзана со Додик.
МАКЕДОНИЈА - Кај 33 пациенти е детектирана омикрон варијантата на ководи-19, а кај тројца луѓе е откриен и флурон, соопшти Министерството за здравство.
ИТАЛИЈА / АВГАНИСТАН - Италијанската полиција реагирала на повик за помош во Амбасадата на Авганистан во Рим, откако разрешен авганистански дипломат го нападнал амбасадорот, соопшти Амбасадата.
ЕУ / УКРАИНА - Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ја повтори поддршката за Киев, велејќи дека Русија ќе се соочи со големи последици доколку ја нападне Украина. Тој денеска ја посети линијата на фронтот во Украина.
МАКЕДОНИЈА - Формирањето на владиниот тим е во финална фаза вели заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска. Таа вели дека во моментот претседателот и генералниот секретар на СДСМ интензивно разговараат со коалиционите партнери. Се очекува во понеделник да има седница на Централниот одбор на СДСМ на која претседателот и мандатар Димитар Ковачевски ќе ги презентира кадровските решенија за новата влада, по што ќе продолжи процедурата во Собранието за избор на нов владин состав.
МАКЕДОНИЈА - Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави дека нема амбиции да биде идниот амбасадор на НАТО. Таа вели дека прво треба да си ја заврши работата како министерка за одбрана, а потоа да си прави планови. Според неа, Северна Македонија има одличен амбасадор во НАТО, кој е таму повеќе од една година.
ФРАНЦИЈА - Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека планира да им го отежни животот на Французите кои што не се вакцинирани против ковид-19.
СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја денеска најверојатно истрелала балистичка ракета во морето од нејзиниот источен брег, соопштија јужнокорејската и јапонската војска.
КОСОВО - Косовската влада забрани производство на криптовалути, изјави министерот за економија Артане Ризваноли, енергетски кризи. Одлуката е донесена по препорака на Техничкиот комитет за вонредни мерки, кој се занимава со прашањето за снабдување со електрична енергија на Косово за време на енергетската криза.
КАЗАХСТАН - Во Казахстан е прогласена вонредна состојба поради насилните демонстрации. Протестите во Казахстан кои првпат избувнаа на 2 јануари по наглото зголемување на цените на течниот гас се интензивираат. На 5 јануари, една владина зграда беше запалена, а воени возила се префрлија во центарот на Алмати.