Кај 33 пациенти е детектирана омикрон варијантата на ководи-19, а кај тројца луѓе е откриен и флурон, соопшти Министерството за здравство.
Во соопштението од Министерството се наведува дека во лабораторијата за вирусологија на Институтот за јавно здравје се направени анализи за детекција на сојот омикрон и од изработени 56 примероци позитивни на ковид, 33 се позитивни на омикрон варијантата на вирусот, што изнесува 59 отсто од позитивните примероци.
Оваа варијанта е детектирана кај 16 пациенти од Скопје, 10 од Охрид, четири од Тетово, двајца од Кавадарци и еден од Кочани. Кај тројца пациенти од Скопје истовремено е детектирана комбинација од двата вируси, грип и ковид.
Претходно Министерството соопшти дека во изминатите 24 часа регистрирани се нови 1.375 нови случаи на ковид-19 од направени 7.188 тестирања. Од вчера бројот на ново заразени е четирицифрен. Во изминатото деноноќие има две починати лица, дополнителни според Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавени се уште две лица. Регистрирани сe 217 оздравени пациенти. Бројот на активни случаи изнесува 6.818.