Судири меѓу демонстрантите и полицијата во Казахстан

Протести во Казахстан

Претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев ја прифати оставката на владата по третиот ден од немирите во оваа централноазиска земја предизвикани од големиот пораст на цените на енергијата. Актуелните членови на владата ќе ги продолжат своите должности до формирање на нова влада, се вели во претседателскиот декрет. Токаев претходно потпиша декрет за воведување вонредна состојба во регионите Алмати и Мангистау и Жанаозен до 19 јануари. Во видео обраќањето до нацијата на 4 јануари, Токаев рече дека владата нема да падне и дека сака „взаемна доверба и дијалог наместо конфликт“. Тој ги повика демонстрантите да не ги следат повиците на „деструктивни поединци“, кои се обидуваат да го нарушат единството на општеството.

Приведен уште еден новинар на РСЕ на протестите во Казахстан

Неговиот апел дојде набргу по извештаите за безбедносните сили кои користеле шок-бомби додека стотици демонстранти се обидоа да упаднат во канцеларијата на градоначалникот во најголемиот град во земјата, Алмати, доцна синоќа. Полицајците употребија солзавец за да ги растераат демонстрантите на плоштадот откако беа запалени неколку полициски автомобили. Протестите избија во неделата во градовите во западен Казахстан, а потоа се проширија низ целата земја. Цената на течниот природен гас, кој нашироко се користи за готвење и греење, од 1 јануари се удвои на 0,27 долари за литар, што е значително зголемување во земја со минимална месечна плата од 98 долари.