Рекордни нови случаи на ковид во Грција, скок на бројките во Србија и Косово

Илустрација

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 50.126 случаи на Ковид-19, што е нов негативен рекорд во земјата од почетокот на пандемијата. Најголемиот дел од новозаразените речиси 20.000 се во областа Атика, поширокиот регион на Атина. Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 1.344.923 случаи на Ковид-19, а почина 21.053 лица.

Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, рече дека сојот омикрон веќе е доминантен во земјата и со оглед на тоа дека брзо се шири, зголемувањето на случаите е очекувано.

Во иминатитве 24 часа во Србија се евидентирани 5.224 новозаболени и 19 починати, за разлика од вчера кога беа евидентирани 2.765 заразени, што преставува скок на бројот.

„Огромен скок на бројот на новозаразени со корона вирусот може да се очекува во следните седум до десет дена, бидејќи за наплата доаѓаат организираните новогодишни прослави на плоштадите, но и прослави во ресторани, кафулиња и ски центрите“, изјави командирот на воената ковид болница Карабурма, д-р Иво Удовичиќ.

Во Косово изминатите 24 часа е забележана троцифрена бројка новозаболени од Ковид-19, што е прв пат по повеќе од три месеци во кои бројките беа едно или двоцифрени.

Според Министерството за здравство на Косово, во изминатите 24 часа се евидентирани 108 нови случаи на заразени, од вкупно 6.169 тестирани лица.
Последен пат над сто заразени со коронаврусот беа евидентирани на крајот од септември 2021 година.

Вклучително последните случаи, бројот на активни заболени од Ковид-19 во Косово изнесува 637. Од вчера во Косово е во сила владината одлука, донесена на 1 декември 2021, со која во земјата може да се влезе единствено со потврда за целосно вакцинирање, односно за примени две антиковид вакцини. Во земјата и натаму е во сила забраната за движење од полноќ до пет часот наутро, а уготителските објекти можт да работат до 23 часот, со тоа што музиката во живо е дозволена до 21.30.