Приведен уште еден новинар на РСЕ на протестите во Казахстан

Протест во Казахстан, илустративна фотографија

Уредникот на казахстанскиот сервис на РСЕ, Дархан Умирбеков е приведен денеска во главниот град на земјата Нур-Султан за време на протестите. Апсењето доаѓа само неколку часа откако полицајците накратко го приведоа и Касим Аманжол, в.д. шеф на бирото на казахстанскиот сервис во Алмати, додека известуваше од третиот последователен ден протести поради ненадејното, драматично зголемување на цената на течниот природен гас што се користи во возилата.

Протестите избија во западниот казахстански регион Мангистау пред три дена поради покачувањето на цената на гасот, по што се проширија во повеќе градови и места низ земјата.

Стотици луѓе кои бараат пониски цени на енергенсите, но и оставка од владата, се собраа на централните плоштади на градот Жанаозен и Актау. Помали собири се одржаа и во други градови во знак на поддршка на демонстрантите и изразување незадоволство поради прашањата како што е корупцијата, невработеноста и ниските плати. Над 20 лица се приведени од полицијата во протестите.

Во обид да ги смири демонстрантите, претседателот Касим-Жомарт Токаев објави дека владината комисија составена од членови на неговата администрација започнала да работи во Актау за да изнајде заемно прифатливо решение.

„Агенциите за спроведување на законот добија инструкции да спречат нарушување на јавниот ред. Демонстрантите мора да бидат одговорни и подготвени за дијалог“, напиша тој на Твитер

Владата рече дека ќе „спроведе пакет мерки за регулирање“ на цените на течниот природен гас.

Цената на литар скокна на 120 тенге (28 американски центи) на дел од бензинските пумпи, што е голем раст споредено со цената од 50-60 тенге (12-14 центи) во 2021 година.

Есберди Асауов, жител на Актау, изјави за РСЕ дека околу 6.000 главно млади демонстранти биле на градскиот плоштад вечерта на 3 јануари, барајќи оставка од владата и повикувајќи ги властите да се борат против невработеноста и корупцијата.Патиштата кои водат кон градот се затворени од властите.

Во Нур-Султан, полицијата приведе најмалку три лица кои протестираа пред зградата на градската влада, додека мобилните интернет конекции беа оневозможени во областа.

Групите за човекови права рекоа дека законот на Казахстан за јавни собири е во спротивност со меѓународните стандарди бидејќи бара прелиминарна дозвола од властите за одржување собири. Тој, исто така, предвидува гонење за организирање и учество во неодобрени собири, иако уставот на нацијата им го гарантира правото на слободно собирање на граѓаните.

На многу активисти ширум централно-азиската нација им беа изречени долги затворски или условни казни за нивната вмешаност во активностите на ДВК, како и за учество во митинзите организирани од групата.