Борел: Ситуацијата меѓу Украина и Русија закана за целиот регион

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел кој од денеска до четврток ќе престојува во Украина изјави дека целта на неговото патување е да разговара со Украинците за нивните грижи и начините за нивно решавање. Тој рече дека сегашната ситуација е закана за стабилноста и безбедноста на Украина и на целиот регион и дека не може да се разговара „без сите релевантни актери околу масата“.

„ЕУ не може да биде неутрален гледач во овие преговори доколку Русија навистина сака да разговара за европската безбедносна архитектура“, рече Борел.

Тој ќе ја посети линијата на фронтот со проруските сепаратисти за да ја изрази поддршката на ЕУ за „територијалниот интегритет“ на земјата, објави Европската комисија. Во последните неколку недели Западот е загрижен поради трупањето на десетици илјади руски војници на границата со Украина и ја обвинува Москва дека ѝ се заканува на соседната земја со нова инвазија по анексијата на Крим во 2014 година.

Борел потоа во Киев ќе разговора со украинските претставници. Разговорите меѓу Русија и САД за Украина треба да се одржат на 9 и 10 јануари во Женева, по што на 12 јануари треба да се одржи состанок Русија – НАТО и на 13 јануари состанок во рамките на ОБСЕ.

Во меѓувреме, НАТО објави дека ќе одржи виртуелен состанок на министрите за надворешни работи од 30-те земји-членки на 7 јануари, за да разговараат за кризата, откако Москва побара сеопфатни безбедносни гаранции од Соединетите држави и нивните сојузници.