Спречен напад со дронови на американските трупи во Ирак

Воена база Аин ел Асад, американски транспортери

Две беспилотни летала со експлозив денеска беа соборени во акција на ирачката противвоздушна одбрана додека се приближувале до воздухопловната база „Аин ел Асад“, каде што се стационирани американските сили западно од Багдад, соопшти претставник на Меѓународната воена коалиција предводена од Соединетите Држави.

Сличен напад беше спречен еден ден претходно, кога ирачката противвоздушна одбрана соборила две беспилотни летала додека се приближувале до базата со американските сили недалеку од меѓународниот аеродром во Багдад, објави Ројтерс.

Нападите се извршени во време кога Иран и неговите сојузници во Ирак ја одбележуваат втората годишнина од атентатот на иранскиот воен генерал Касем Сулејмани.

Соединетите Држави ја предводат Меѓународната воена коалиција која се бори против милитантите на Исламската Држава во Ирак и Сирија.

Сулејмани беше убиен на 3 јануари 2020 година во напад со дрон недалеку од аеродромот во Багдад. Нападот го нареди тогашниот американски претседател Доналд Трамп. Иранскиот претседател Ебрахим Раиси во понеделникот рече дека Трамп мора да биде изведен пред лицето на правдата за ова убиство или Иран ќе се одмазди.