Кинеските власти ги отфрлија обвинувањата дека земјата работи на забрзување на проширувањето на својот нуклеарен арсенал, но рекоа дека преземаат чекори за модернизирање на нуклеарните сили.
„Во врска со тврдењата на американските власти дека Кина драматично ги проширува своите нуклеарни капацитети, најпрво, дозволете ми да кажам дека тоа е неточно“, изјави висок функционер на кинеското Министерство за надворешни работи, Фу Конг.
Прес-конференцијата беше одржана еден ден откако Кина, Соединетите Американски Држави, Русија, Велика Британија и Франција се обврзаа со заедничка декларација да „спречат понатамошно ширење“ на нуклеарното оружје.
Американското Министерство за одбрана во ноември објави дека Кина го проширува својот нуклеарен арсенал побрзо од претходно предвиденото и дека до 2030 година би можела да има повеќе од 1.000 боеви глави. Соединетите Држави имаат 3.750 нуклеарни оружја.