Трите партии – партнери на Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов во бугарската владејачка коалиција – Промената продолжува (ПП), Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Демократска Бугарија (ДБ) се оградија од неговиот став во кој стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ го поврза со укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД и прием на Бугарија во Шенген зоната.
Како што јави БГНЕС, координаторот на Пратеничката група на Промената продолжува (ПП) во бугарското Собрание, Андреј Ѓуров истакна дека Бугарија има јасен став и стратегија за односите со земјава.
„Имаме стратегија како да ги водиме разговорите – да ги водиме многу поинтензивно, на пошироко ниво, а не само во насока на историското минато. Целта е тоа да помогне да ги приближиме нашите позиции во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година. Ова е ставот на коалицијата и на ПП“, изјави Ѓуров за Нова ТВ.
Копретседателот на Демократска Бугарија, Атанас Атанасов, изјави дека лично не гледа ништо лошо во ставот на Трифонов, но оцени дека нештата „не треба да се поставуваат на таков начин“, бидејќи укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД нема никаква врска со приемот на земјава во ЕУ.
Потпретседателот на бугарското Собрание на Бугарија и поранешен бугарски министер за надворешни работи Кристијан Вигенин, кој е член на БСП, исто така се огради од изјавата на Трифонов, посочувајќи дека во коалицискиот договор меѓу четирите партии е изнесен јасен став за европската перспектива на Северна Македонија.
Ваквите реакции на Трифонов уследија по неговата објава на Фејсбук во која наведе дека ако „Американците толку многу сакаат Северна Македонија да е во Европската Унија, тогаш на граѓаните на Бугарија да не им требаат визи за да одат во Америка, како на граѓаните на повеќето земји од Европската Унија“.
- Бучковски- не го измислив јас поимот заедничка историја
- Бугарското МНР за РСЕ кажа што точно бара Софија
По реакциите во бугарската јавност на ваквиот став, Трифонов во нова објава на Фејсбук упати „дообјаснување“ кон земјава и кон партнерите на Бугарија во НАТО и ЕУ.
„Кон Република Северна Македонија: Вие задолжително треба да ги исполнувате сите точки од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што го потпишавте со Бугарија, вклучително и се што е поврзано со историјата на Бугарија. Според него граѓаните на Северна Македонија „треба да си ги признаат историските бугарски корени“.
„Кон нашите партнери од НАТО и ЕУ: Штом толку инсистирате ние да ја поддржиме Северна Македонија за преговори за членство во ЕУ, постапете партнерски кон нас, штом сакате ние да сме ви партнери – без визи за САД и веднаш во Шенген. Мислам дека сега моето мислење како граѓанин на Бугарија е повеќе од јасно,“ наведе Трифонов во новата објавата на Фејсбук.