Бугарскиот министер за иновации Даниел Лорер изјави дека национален интерес на неговата земја е Северна Македонија да се приклучи кон Европската Унија. Следен чекор кон таа цел, според него е почеток на преговори со Скопје што треба да биде важна цел за бугарската дипломатија. Тој посочи дека за соседите на Бугарија патот кон богатството и социјалната правда минува низ членството во ЕУ.
„Со еден продолжен и позитивен дијалог со македонската страна ќе бидат постигнати условите, не само историски, туку и економски, академски, како и културни за врските меѓу двете држави. Тоа треба да се случи за да се почуствува секоја од двете страни далеку посигурна во тој дијалог“, изјави Лорер за БНР.
За изјавата на Слави Трифонов дека Бугарија ќе го тргне ветото ако Соединетите Американски Држави ги укинат визите за бугарските граѓани и земјата стане членка на Шенген зоната, рече дека мислењето на лидерот на „Има таков народ“ е интересно, бидејќи на тој начин тој поврзува еден билатерален спор со Европската Унија и САД.