Слави Трифонов, лидерот на движењето „Има таков народ“ на својот Фејсбук профил предложи САД да ги укинат визите за бугарските граѓани, а Бугарија во замена да го тргне ветото кон Северна Македонија за влез во Европска унија.
„Сега сме помалку Европејци од вистински Европејци. Значи барам веднаш да нема визи за САД и веднаш да станеме членка на Шенген зоната“, напиша бугарскиот политичар, чија партија стана дел од владеачката коалиција.
Трифонов смета дека темата за Северна Македонија е важна за сите Бугари, бидејќи, како што напиша, е дел од национална историја, а над 200 илјади бугарски војници загинале за слободата и обединувањето земјата. Тој додава и дека околу сто илјади Македонци имаат бугарски пасош, за кој е потребно да се докажат бугарските корени.
„Во вашите учебници по историја пишува дека Бугарите се фашисти. Значи самите вие сте фашисти“, пишува Трифонов.
Тој потсетува дека на советодавниот состанок кај претседателот на државата, Румен Радев закажан за 10 јануари ќе се разговара за Северна Македонија.
Новата бугарска влада е составена од четири партии - Продолжуваме со промената, Бугарската социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија. Таа се формираше на средината на декември минатата година, откако три пати се одржаа парламентарни избори, а по првите два циклуса не се формираше политичка влада, па со земјата раководеше службена формирана од претседателот Румен Радев.