Лидерите на Западен Балкан да покажат посветеност на реформите и на помирувањето, повика генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Во интервју за црногорскиот весник Побједа тој истакна дека растот на тензиите во Косово и во Босна и Херцеговина и агресивната реторика ги стопираат реформите, заедно со присуството на „странски актери кои работат на поткопување на напредокот“.
Секој обид за ослабнување на институциите на државно ниво ќе ја наруши безбедноста на БиХ, рече генералниот секретар на Алијансата. Притоа додаде дека ова може да доведе до негативни последици врз економијата на земјата и регионалната стабилност и ги повика политичките лидери да работат конструктивно и да покажат политичка волја за доброто на сите во БиХ и за унапредувањето на евроатлантските аспирации.
Истовремено посочи дека Алијансата е посветена на изградба на силно партнерство со Србија, дека има постојан дијалог со српскиот претседател Александар Вучиќ и оти НАТО во целост ја почитува политиката на неутралност на Белград.
Во интервјуто тој забележува дека се уште се присутни безбедносните предизвици од пред пандемијата и тие вклучуваат „асертивна Русија, тероризам, кибер и ракетни закани, климатски промени и безбедносни импликации кои произлегуваат од растот на Кина“. Притоа ја повика Русија да „игра конструктивна“ улога на Западен Балкан и изрази жалење бидејќи, како што рече, Русија го прави спротивното.
„Само минатиот месец, Русија и Кина работеа заедно во ОН за да ги поткопаат напорите на меѓународната заедница за обновување на мисијата на ЕУ Алтеа во Босна. Ова е само еден пример за руското и кинеското влијание на Западен Балкан, што не е од помош. Видовме и хакирање, дезинформации, заплашување и други дестабилизирачки активности“, истакна генералниот секретар на НАТО.