Јовески: Прибрани се сите докази за несреќата во болницата во Тетово

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за истрагата на несреќата во модуларната болница во Тетово, во која животот го загубија 14 лица изјави дека се прибрани речиси сите докази и дека се чека експертизата од германските експерти.

„Обвинителството веднаш отпочна со преземање дејствија во делот на утврдување на определени факти и докази. На обвинителите од ОЈО Тетово како помош им беа упатени двајца дежурни јавни обвинители од ОЈО Скопје. Познато е дека во тој дел за соработка се понудија и германски експерти и ние тоа го прифативме. Исто така на располагање на колегите кои ја водат истрагата им ставивме и четворица обвинители од Вишите јавни обвинителства од Скопје и Гостивар, за да можат со нив да се консултираат доколку наидат на определени проблеми и потешкотии во прибирањето на доказите“, рече Јовески во интервју за МИА.

За автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 македонски граѓани, тој информира дека е оформен предмет за да се испита дали некое службено лице од надлежните органи имало определени дејствија што требало да ги преземе, а не ги презело, или пак преземало определени дејствија за кои не било овластено да ги преземе.

„Таа постапка се уште се води во Обвинителство, се прибираат докази и откако ќе ги собереме сите докази ќе донесеме јавнообвинителска одлука“, посочува тој во интервјуто.

Јовески вели дека не се согласува со констатацијата дека истрагите траат предолго и притоа го посочува предметот „Ласкарци“ за кој обвинителството во рок од три месеци ја заврши истрагата.

„За жал и во тој случај животите ги изгубија повеќе наши граѓани. Ние поднесовме соодветно обвинение, но судската постапка трае подолго време. Информиран сум дека некаде околу 100 рочишта се закажани или одржани, но нема судска одлука“, истакна тој.

Според него, вината не треба да се бара во обвинителството, туку да се види во делот на закажувањето и подготвеноста на овие рочишта за да може да се донесе судска одлука. Јовески додаде и дека не ја дели оценката дека обвинителството постапува селективно и дека подлегнува на политички влијанија.

„Јас повеќе пати сум нагласил дека не ја делам таквата оценка и секогаш ја илустрирам со неспорни податоци дека ние во последниве години имаме обвинето потпретседател на Собранието, имаме обвинето генерален секретар во Министерство, имаме покренато постапки против судии и јавни обвинители и против други носители на јавни функции“, потенцира Јовески.

Свесен е, како што нагласува, за перцепцијата во јавноста оти обвинителството е под влијание на политиката и определени моќници, но, како што додава, цело време се залага и уверен е дека обвинителите сами ги носат своите одлуки без надворешни влијанија.