Големото знаме на Европската унија кое беше поставено на Триумфалната капија во Париз за да го одбележи почетокот на француското претседателство со ЕУ, беше отстрането вчера по негодувањата на лидерите на крајно десничарските партии. Францускиот државен секретар за европски прашања Клемент Бон, кој на крајот на неделата изјави дека знамето ќе стои неколку дена, рече дека е отстрането според планот. Тој ги отфрли обвинувањата дека властите попуштиле откако лидерката на екстремно десничарската партија Национален собир, Марин Ле Пен, најави жалба до Државниот совет со барање за отстранување на знамето на ЕУ. Бон рече дека Ле Пен и другите партиски лидери погрешно разбрале кога рекле дека знамето на ЕУ ја заменило француската тробојка.
Франција го презеде претседавањето со ЕУ, Западен Балкан еден од приоритетите
Франција- Софија и Скопје мора да најдат решение што е можно поскоро
Марин Ле Пен изјави дека властите биле принудени да го тргнат знамето на ЕУ од Триумфалната капија и дека тоа е прекрасна, патриотска победа на почетокот на 2022 година. Протестираа и кандидатот на екстремната десница на претстојните претседателски избори Ерик Земур и кандидатот на десницата Валери Пекрес, пренесе агенцијата АФП. „На властите не им требаат лекции за патриотизам од Марин Ле Пен, Земура и Валери Пекрес, кој станува фотокопија на крајната десница“, рече Бон. Неколку десетици споменици во Париз, меѓу кои и Ајфеловата кула и Елисејската палата, неколку дена ќе бидат осветлени со боите на ЕУ.