Бугарија треба да биде поактивен и конструктивен член на Европската унија во 2022, изјави денеска бугарскиот премиер Кирил Петков во своето обраќање по повод 15 години од влезот на Бугарија во ЕУ. Петков изјави дека Европската унија започна како мировен проект, но со текот на времето стана најголемиот светски пазар, културен центар, заеднички вредности и споделени можности.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Петков, ЕУ може да се надградува и Бугарија мора да има активна, конструктивна улога во оваа надградба.
„Ние веќе не треба да бидеме на периферијата, ние треба да сме двигател, член којшто го дава својот максимум за развој на сопствената земја, која пак ја развива целата Европска унија“, рече премиерот на Бугарија.
Според него, една од главните задачи на актуелната влада е „да го слушне гласот на Бугарија“.
Тој вели дека кога ќе седнат на маса со другите членки, тие треба да знаат дека Бугарија е тука да ја надградува ЕУ и дека има што да каже.
„Само заедно можеме да бидеме горди што сме Европејци и уште погорди што сме Бугари“, додаде тој.