Денеска се одбележуваат 20 години од кога почна да се користи новата европска валута евро.
„Пред 20 години, луѓето во зоната на еврото првпат во своите раце држеа евро банкноти и монети. Од тогаш еврото стана дел од нашиот идентитет и култура. Тоа гради мостови меѓу Европејците“, објави денеска Европската централна банка (ЕЦБ).
Дванаесет земји од ЕУ на 1 јануари 2002 година го воведоа еврото како своја валута, а денеска го користат над 340 милиони луѓе во 19 земји од ЕУ, пренесе ЕЦБ.
„Еврото стана столб на стабилноста и еднаквоста ширум светот, благодарејќи ви вам, стотиците милиони Европејци кои веруваа во него, му дадоа сила, доверба и го користат секој ден“, порача во видео порака шефицата на Европската централна банка Кристин Лагард.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел порача дека еврото е конкретен столб на европската успешност, како една „доверлива, динамична и солидна валута“.
Замислено во 70-тите години од минатиот век за да ги олесни трговските трансакции и да биде конкуренција на доларот, еврото почна да се користи на 1 јануари 2002 година во 12 земји од ЕУ кои мораа да ги напуштат своите дотогашни валути.
Покрај сегашните 19 земји кои го користат еврото, во наредните години треба да се придружат и Бугарија, Хрватска и Романија.
Еврото дојде на второ место на најсигурните валути по доларот. Сега 20 отсто од девизните резерви во светот се во евра, додека 60 отсто се во долари.
Некои политичари, како што се десничарите Марин Ле Пен од Франција или Матео Салвини од Италија, некое време се залагаа за излез на своите земји од еврото, но подоцна се откажаа од таа намера.